
Врз основа на член 25, став 2 од Статутот на РСМ НУ Македонски народен театар – Скопје, директорот Никола Кимовски на 17.6.2025 г. донесе Решение за формирање уметнички совет во состав:
Игор Џамбазов (1963) дипломира на ФДУ, Скопје во 1987 г. на отсекот за актерска игра. Од 1987 до 1992 г. работи во Драмскиот театар – Скопје, а потоа преминува во МНТ, Скопје. Еден е од неколкуте македонски актери што има успешна филмска кариера што ја гради уште од детските години. (На шестгодишна возраст игра во филмот „Македонскиот дел од пеколот“ во режија на Ватрослав Мимица.) Но зад себе има и исклучителна естрадна кариера. Актер е во триесетина театарски претстави и уште толку улоги на филм и серии, режисер и автор е на музика за претстави, водител, автор на книги и песни. Добитник е на голем број награди меѓу кои и наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2022 година.
Александар Микиќ (1966) дипломира на ФДУ, Скопје во 1992 г. на отсекот за актерска игра во класата на проф. Димитрие Османли. Од 1997 г. работи во МНТ, Скопје. Тој е актер со голем број улоги: 57 во театар, 24 на филм и 11 во серии. Добитник е на повеќе награди со најмногу одиграни претстави на матичната сцена.
Јордан Симонов (1966) дипломира на ФДУ, Скопје во 1992 г. на отсекот за актерска игра кај проф. Димитрие Османли. Во 2015 г. ги завршува постдипломски студии на истиот факултетот, отсек театарска режија кај проф. Слободан Унковски. Од 1997 г. работи во МНТ, Скопје. Неговата кариера низ бројки изгледа вака: 62 театарски улоги, 27 филмски улоги, 8 улоги во серии, 4 режии во театар, 8 театарски награди, голем број снимени радиодрами и надсинхронизации на ТВ-серии и е инструктор по актерска игра на два филма.
Тони Михајловски (1967) дипломира на ФДУ, Скопје во 1993 г. на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Владимир Милчин. Од 1994 до 1999 г. работи во МНТ, а потоа преминува во статусот слободен уметник. Во 2013 г. повторно се враќа во МНТ. Игра во 29 теататарски претстави, исто толку филмови, 16 серии, режисер е на 3 претстави, автор е на текстови за песни. Добитник е на десетина награди, меѓу кои и за животно дело „Петре Прличко“ во 2024 година и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2022 година. Бил и уметнички директор на МНТ (2015). Од 2023 година води и школо за актерска игра.
Оливер Митковски (1974) дипломира на ФДУ, Скопје во 1997 г. во класата на проф. Владимир Милчин. Од 2000 г. е вработен во МНТ. Актер е во 43 театарски претстави, 12 филма, 7 серии, а учествува и во радиодрами. Автор е на музика за претстави. Добитник е на наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп во 2025 г. и наградата за најпопуларен актер за 2009 и 2013 г. на „Златна бубамара на популарноста“.