
Вечерва (5 декември) од 18 часот, КУД „Орце Николов“ во скопскиот трговски центар „Сити мол“ ќе одржи ревија на македонски народни носии од различни етнографски целини во рамките на културниот настан „Фолклорот низ генерации живее“. „Фолклорот низ генерации живее“ – посебен тридневен етно настан во Skopje City Mall, во соработка со Ансамбл за народни игри и песни „Орце Николов“ од Скопје
Од 05. – 07. декември 2025 година, Skopje City Mall ќе биде домаќин на културниот настан насловен: „Фолклорот низ генерации живее“ кој ќе се реализира во соработка со реномираниот ансамбл на народни игри и песни „Орце Николов“ – Скопје, кој 80 години во континуитет успешно опстојува на фолклорната сцена во земјата и светот.
Овој тридневен „празник за сетилата“ има за цел да ја оживее традицијата и да ја доближи до најмладите, но и да ги потсети повозрасните на богатството што го поседуваме и ни го оставиле генерациите пред нас. Посетителите ќе имаат посебна можност да уживаат во ревија на традиционални носии, автентични фолклорни изведби, етно-креативни работилници, како и изложба на автентични македонски народни носии и фотографии од богатата ризница на ансамблот, зачувани до денес.
Програма на настанот:
- 01-07.12.2025 – Изложба на оригинални носии и автентични фотографии – дел од богатата ризница на ансамблот „Орце Николов“, со ретки, рачно изработени парчиња кои сведочат за богатата македонска традиција,
- 05.12.2025 (почеток 18:00 часот) – Ревија на македонски народни носии – претставување на носии од различни етнографски целини, пропратени со автентични мотиви и фолклорни изведби од членовите на ансамблот,
- 06.12.2025 – (од 12:00-16:00 часот) – Фотографирање на посетители облечени во народни носии во „ фолклорно катче“ и добивање на бесплатна фотографија,
- 07.12.2025 (од 12:00 – 16:00 часот) – Етно-креативни работилници за деца и возрасни – изработка на традиционални украси со етно мотиви, цртање и изработка на фолклорни мотиви, боење, плетење…, со поддршка и под менторство на искусни членови на Ансамблот „Орце Николов“…
Со организирање на настанот, Ансамблот „Орце Николов“ и Skopje City Mall на директен начин даваат свој придонес во развојот на културата и поблиско запознавање на граѓаните со вредностите на нашиот фолклор, кој не е само минато, туку „жива културна нишка“ што нè поврзува сите нас. Преку песната, играта, музиката, обредите, инструментите, ткаените парчиња, везовите…, се пренесува приказната на нашиот народ од генерација на генерација, за да „Фолклорот и натаму низ генерации живее“.
Skopje City Mall и Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“ ги покануваат сите љубители на традицијата, семејствата, децата и почитувачите на фолклорот и неговите традициски вредности, да бидат дел од ова топло, инспиративно и автентично искуство.
Фолклорот живее преку нас! Да го чуваме, сочуваме, негуваме и пренесеме понатаму на идните генерации, порачуваат членовите на ансамблот „Орце Николов“ од Скопје.

Македонски







