
Денес, заедно со Игор Јанушев, генерален секретар на Владата на Македонија и Андријана Цветковиќ, прв амбасадор на Македонија во Јапонија, остварив средба со Комесарот за културни врски на Јапонија, г. Шуничи Токура, во Кјото, Јапонија.
Целта на нашата средба беше да го потврдиме и разгледаме напредокот на соработката помеѓу Македонија и Јапонија, како и да ги дефинираме идните активности во областа на културата и туризмот.
Изразив задоволство што минатата година потпишавме билатерален документ, кој се покажа како силен импулс во продлабочувањето на нашите културни врски. Во таа насока, истакнав колку е важно присуството на нашата држава на ЕКСПО ОСАКА 2025 година, каде поставивме изложба посветена на големиот архитект Кензо Танге, а ќе организираме и неколку културни настани. Тука спаѓаат настапите на Националниот ансамбл за македонски игри и песни „Танец“, концертите на Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски, како и настапот на познатиот џез гитарист Владимир Василески Четкар.
Во контекст на реализација на потпишаниот Меморандум, нагласив дека размената на искуства во управувањето на локалитетите на УНЕСКО е од клучно значење. Јапонските практики во изработката на планови за управување и одржливост на овие локалитети се добри примери од кои можеме да учиме.
Изразив желба за реализација на заеднички работилници, особено во сферата на конзервацијата на културното наследство и дигитализацијата, што би било од големо значење за нашиот сектор.
На крајот, ја подвлеков важноста на јапонската помош и поддршка преку различни донации, грантови и проекти, кои значително придонесуваат за економскиот и социјалниот развој на Македонија. Меѓународната соработка и презентирањето на вредностите на нашата култура остануваат наши приоритети, и уверив дека нашата држава и во иднина ќе вложува напори да биде присутна на важни културни настани во Јапонија.