
Управниот одбор на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) го отвори конкурсот за традиционалните годишни награди на ДПМ за дела објавени во 2025 г.: „Стале Попов“ – за најдобра прозна книга, „Ацо Шопов“ – за најдобра збирка песни, „Ванчо Николески“ – за најдобра книга за деца, „Димитар Митрев“ – за најдобра книга критика или есеистика и „Мост“ – за најдобра книга објавена на некој од јазиците на заедниците во земјава.
Во согласност со Статутот на ДПМ, право на учество (со сопствено дело или како членови на жири-комисиите) имаат сите активни членови на Друштвото, кои до просториите на ДПМ треба да достават (лично, или по пошта) четири примероци до делото.
Во однос на регулативата, конкурсот за годишните награди на ДПМ се организира во согласност со Правилник и во согласност со Деловник за жири-комисиите.
Конкурсот ќе биде отворен до (заклучно со) 23 декември, 15:00 часот.

Македонски






