Драмски театар Скопје годината ја заврши со премиерата на претставата „Фамилијата Адамс“ и со желби за среќна и успешна Нова 2025 година за својата публика подготви празнични блок билети за репертоарот во месец јануари.
По дочекот на Новата 2025 година и по обележувањето на Божиќ во своите домови, Драмски ги отвора вратите за публиката со големи попусти на цената на билетите за претставите на репертоарот во месец јануари.
За износ од 1.400 денари, со 50% попуст на редовната цена на билетите може да се купат блок влезници за 7 претстави и тоа: Претставата „Диши“ на 21 јануари, „Фамилијата Адамс“ во среда на 22, „Падот на Масада“ во четврток на 23, „Чудесна терапија“ во петок на 24, „Пикник на фронтот“ на 25, „Драми на принцезите“ на 28 и во среда на 29 јануари е претставата „Парови“.
Вториот избор на блок билети со вкупна цена од 1.200 денари ги содржи влезниците за 4те претстави и тоа „Фамилијата Адамс“ на 22, „Чудесна терапија“ на 24 во петок, „Пикник на Фронтот“ во сабота на 25 и „Драми на принцезите“ во вторник на 28 јануари.
Во Драмски се надеваат на голем одзив на публиката поради можноста во „најдолгиот месец во годината“ за симболична цена во десетина дена да се одгледаат дел од претставите на редовниот репертоар на театарот.
Резервациите за блок билетите може да се прават најдоцна до 8 јануари 2025 година, на е-маил: info@dramskiteatar.com.mk