Skip to main content

Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ ги соопшти проектите за 2025 поддржани од Министерството за култура и туризам

Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево ги соопшти проектите за кои конкурираше и доби поддршка со Годишната програма на Министерството за култура и туризам за 2025 година.

Како што истакнаа од установата, најмногу средства добија проектите кои Центарот за култура ќе ги реализира во фолклорната дејност, околу 570.000 денари. Парите се распределени за организирање и учество на повеќе манифестации, меѓу кои Голачки фолклорни средби 2025 и одбележувањето на 149 години од Разловечкото востание, а дел ќе бидат наменети за набавка на опинци за потребите на фолклорната група „Вапцаров“, за програмата на Женската пејачка група „Ѓурѓа“ и за материјални трошоци и учество на манифестации и фестивали во нашата држава.

Освен за фолклорната дејност, делчевската културна установа доби и 300.000 денари за реализација на активност од драмската и музичко-сценската дејност.

-Во драмската дејност за напоменување се проектите „Три години аматерски младински драмски клуб „Ехо“ од Делчево, „ Бегалка и Чорбаџи Теодос“ – 30 години од смртта на Васил Иљоски, работа и театарски претстави низ Македонија во режија Никола Јанакиев. Од областа на музичката и музичко-сценската дејност, најголема поддршка во висина од 50 илјади денари доби „Fin Project Musik“, додадоа од НУЦК „Никола Јонков-Вапцаров“.

Оттаму напоменаа дека со поддршка од Министерството за култура и туризам ќе бидат реализирани и активности од ликовната уметност, меѓу кои е предвидена ликовна работилница со децата од Центарот за деца со посебни потреби Делчево.