Skip to main content

Честоева на состанок за Хашката конвенција за заштита на културното наследство во случај на вооружен судир

Делегацијата на Република Македонија, предводена од директорката на Управата за заштита на културното наследство, г-ѓа Весела Честоева, учествува на серија состаноци посветени на Хашката конвенција за заштита на културното наследство во случај на вооружен судир кои се одржуваат во седиштето на УНЕСКО во Париз, во периодот од 1 до 5 декември 2025 година.

Честоева се обрати во име на нашата земја во делот на состанокот на Високите договорни страни, како потписничка на Конвенцијата и нејзините два протоколи. Таа истакна дека Управата за заштита на културното наследство е највисоката национална институција одговорна за заштита на културното наследство и дека е целосно посветена на спроведување на обврските утврдени со Конвенцијата. Во своето обраќање, директорката Честоева нагласи дека културното наследство во современи услови се соочува со сериозни ризици и дека станува сè повеќе цел на вооружени судири и модерно војување. Таа посочи дека е должност на државата да обезбеди статус на засилена заштита (enhanced protection) за најзначајните споменици и културни објекти, со цел нивната заштита и зачувување за идните генерации.

Управата за заштита на културното наследство ќе продолжи да соработува со Комитетот на Конвенцијата и со сите држави потписнички, со цел унапредување на нејзините цели и протоколи, како и зајакнување на механизмите кои обезбедуваат заштита на културното наследство.

Поврзани вести