Skip to main content

„Булевар Ослободување“ организира два книжевни настани на 17 и 18 април

Во петок и сабота, 17 и 18 април, во новата „Буква“, на аголот помеѓу улицата „Рузвелтова“ и Булеварот „Теодосиј Гологанов“ ќе се одржи „Булевар Ослободување бр. 2026“, низа културни настани во организација на издавачката куќа „Булевар Ослободување“.од Скопје.

Првиот од настаните носи наслов „Отпор, бунт: ослободување на стихот“: станува збор за читање перформативна и слем поеија на кое ќе настапат дванаесет автори: Живко Грозданоски (организатор и водетел на настанот), Марија Грубор, Ива Дамјановски, Ѓоко Здравески, Александра Јуруковска, Владимир Лукаш, Матеј Петров, Елена Пренџова, Виктор Спасески, Игор Трпчески, Исток Улчар и гостинот Шји Чуан од Кина.

Вториот настан, „Ослободување на видиците“, ќе започне истата вечер во 20:00 часот, а на него кинескиот поет Шји Чуан и Никола Маџиров ќе разговараат со професорката Елизабета Шелева. Тема на разговор е културната размена помеѓу далечните народи, но пред сè „поезијата како доживотен пркос на слободата и на припаѓањето: парадоксот Weast“. („Уист“ е кованка од зборовите “West” и “‘East” која проф. Елизабета Шелева ја нуди по повод оваа интеркултурна пригода).

На вториот ден настаните се уредувачката работилница со Сеида Бегановиќ, како и промоцијата на четирите изданија на „Булевар Ослободување. Промоцијата ќе започне во 20:00 часот, а промотори на книгите ќе бидат Илина Јакимовска („Да сум на твое место“), Александар Станојков („Малага“), Билјана Дуковска („Булевар Ослободување бр. 10“ и Алек Маџаровски. Промоцијата на „Малага“ воедно ќе биде потсетување на ликот и делото на поетот Гого Ивановски, кому оваа година му се одбележуваат 101 година од раѓањето.

„Булевар Ослободување“ постои веќе 12 години: од 2014 г. како блог, а од 2020 г. и како издавачка куќа. „Булевар Ослободување бр. 2026“ се првите настани во организација на „Булевар Ослободување“. „Околу нас и насилства и страв, но ние сакаме гласно да читаме поезија. И, во суштина, да се забавуваме“, вели Живко Грозаноски, организатор на настанот „Булевар Ослободување бр. 2026“ и актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македонија. „Да, да се забавуваме, но и да зборуваме и да размислуваме за други важни, а недоволно застапени теми: како уредувањето книжевни текстови.“