Skip to main content

„Бекет е со нас“: Групна изложба во МСУ

Вечерва, во 20 часот, во Музејот на современа уметност (МСУ) Скопје ќе биде отворена изложбата „Бекет е со нас“ на уметниците Вана Урошевиќ – Зоран Тодовиќ, Марија Ќалиќ и Никола Шуица.

Изложбата „Бекет е со нас“ што вечерва се отвара во МСУ, во 20 часот, нуди дела што провоцираат и вознемируваат. Уметниците ги преобликуваат предметите и амбиентите во сложени визуелни структури, создавајќи текстури што ги одразуваат внатрешните тензии на денешното време. Овие визуелни наративи не само што ја продолжуваат Бекетовата мисла, туку ја претвораат во телесно и сензорно искуство за гледачот.

Оставината на Семјуел Бекет (1906–1989) претставува длабоко нурнување во суштината на човековото постоење. Неговите зборови и описи го издигнуваат секојдневието од баналноста, откривајќи му ги длабочините на времето и просторот. Неговите записи, романи и драми одекнуваат низ искуствата што ги формираа современата визуелна уметност. Во тие слоевити дела се испреплетуваат алузии и митови, пренесувајќи ја згуснатата атмосфера на немир, восхит, осаменост и моќта на сеќавањето.

Бекетовото присуство на културната мапа на Балканот започнува рано — со илегалната белградска изведба на драмата „Чекајќи го Годо“ во 1955 година, како одговор на геополитичките промени. Преку неговите зборови го согледуваме светот и неговите граници на издржливост:

„Да се даде израз на тоа дека нема ништо за изразување, како и дека нема ништо со што тоа би се изразило, дури и ништо од што би се тргнало кон изразувањето, при што не постои ни моќ ни желба за изразување, а сепак останува обврската – да биде изразено.“

Во нестабилниот 21 век, неговата трагикомична визија добива ново значење. Денешната реалност, исполнета со мрачни тајни, неуротични информации и апсурдни инциденти, сè повеќе ја потврдува Бекетовата немоќ како универзален глас на современото општество.

МАРИЈА ЌАЛИЌ
Завршила Правен факултет на Универзитетот во Белград, како и фотографија на St. Martin’s School of Art во Лондон. Член е на УЛУПУДС (секција за фотографија) во Белград, Република Србија. Објавувала авторски фотографии во дневен и неделен печат, како и во месечни магазини во Белград и Србија. Работела фотографски прилози за книги, изложбени каталози, за филмска продукција и за други медиуми. Била уредник на фотографија во неделниот магазин (Europa Press Holding), Белград, 2003–2011. Резиденцијален уметнички престој во Kulturreferat на градот Минхен, Германија – Villa Waldberta, 2010 и Cité des arts, Париз, 2017.

Од учество на различни групни изложби се издвојуваат тематски целини: Затворени текови (Closed Circuits), 2005 во Конак на кнегиња Љубица, Музеј на Град Белград; Микро-наративи во рамки на Октомврискиот салон во Белград, 2007; Musée d’art moderne de Saint-Étienne, Франција, 2008; како и на Интернационалното биенале на визуелни уметности во Панчево, 2012.

Понови самостојни изложби (2012–2017), пред сè во Белград, ги сочинуваат тематските циклуси на фотографии: Post-memorija, The Spell of the Past, Moj Dom, Nothing is Left To Tell, Cache Memory, Izbor posrodnosti, Info – Stanar, Stern-Berg – Октомвриски салон 2018.

ВАНА УРОШЕВИЌ
Родена е во Скопје, Македонија. Завршила Факултет за ликовни уметности во Белград во 1984 година во класата на професор Младен Србиновиќ, а во 1987 на истиот факултет постдипломски студии во класата на професор Радомир Рељиќ.

Во текот на 1987 има студиски престој во Париз. Во периодот 1988/1989 е на специјалистички студии на Академијата за убави уметности во Венеција во класата на професорот Борела.

Добитник е на наградата Димитар Кондовски на Зимскиот салон во Скопје и Прва награда за делото Алхемиска кутија на IX Меѓународно биенале на уметноста на минијатура во Горњи Милановац. Во 2003 година ја претставува Македонија на Венецијанското биенале на уметноста.

Изложувала самостојно и групно во Скопје, Белград, Цетиње, Подгорица, Њујорк, Љубљана, Венеција, Битола, Струга, Лондон, Талин, Сараево, Виена, Чачак, Горњи Милановац, Берлин, Хамбург, Париз, Мурска Собота, Женева, Софија, Оснабрик, Солун, Суботица, Рим и др.

Работи во Националната галерија на Македонија. Од 2010, покрај самостојните настапи, реализира и заеднички проекти со Зоран Тодовиќ.

ЗОРАН ТОДОВИЌ
Роден е во 1958 година во Горњи Милановац, Србија. Завршил Факултет за применети уметности во Белград во класата на професорот Божидар Џмерковиќ во 1983 година. Постдипломски студии завршил во 1985 на Факултетот за ликовни уметности во Белград, во класата на професорот Миодраг Рогиќ.

Има студиски престој во Париз во 1991 година. Добитник е на повеќе меѓународни и домашни награди и признанија (Политикина награда, Гран при Варна, Големиот печат на Графички колектив, Награда на Октомврискиот салон во Белград, Pollock-Krasner Foundation Grant).

Изложувал самостојно и групно во Белград, Нови Сад, Загреб, Ријека, Љубљана, Подгорица, Бар, Стокхолм, Ронеби, Ескилстуна, Краков, Катовице, Вроцлав, Фрехен, Берлин, Катанија, Биела, Кјото, Вакајама, Осака, Бопал, Варна, Буенос Аирес, Кувен, Вервие, Ферол, Ментон, Париз, Мастрихт, Скопје, Ѓер, Мишколц, Банска Бистрица, Солун, Мартини, Суботица, Гуанлан итн.

Член е на Здружението на ликовни уметници на Србија од 1984 година. Професор е на Академијата за уметности при Универзитетот во Нови Сад. Од 2010 година, покрај самостојните настапи, реализира и заеднички проекти со Вана Урошевиќ.

НИКОЛА ШУИЦА
Роден во Белград, Република Србија – поранешна Југославија. Дипломирал и магистрирал историја на уметност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград; докторирал на Универзитетот за уметности во Белград.

Професор на Факултетот за ликовни уметности и на постдипломските и докторски студии на Универзитетот за уметности во Белград.

Избрани публикации: Анатомски мерки, Музеј на современа уметност, Белград, 2017; 57 Меѓународна изложба La Biennale di Venezia: Enclavia – сликарство како последица на ваквиот живот (Владислав Шќепановиќ – Милена Драгичевиќ – Драган Здравковиќ), Павилјон на Србија, La Biennale Viva Arte Viva, Белград, 2017; Историја на уметноста во Србија во 20. век (том II и III), 2012; 2014; Збирка Трајковиќ, Белград, 2010; Милан Блануша – слики, цртежи и графики (монографија), Вршац, 2009; Затворени текови, Меѓународна групна изложба, со уметници од Србија, учество на Joscelyn Pook, Martha Rosler, Tom Phillips, Istvan Horkay, Peter Greenaway; Tom Phillips – New Moment, 2003; Скулптура на Милун Видиќ, УЛУС, Белград, 2003; Леон Коен (1859–1934), Југословенска галерија на уметнички дела, Белград, 2001.

Поврзани вести