
Издавачката куќа „Арс Ламина“ го најавува ексклузивното гостување на популарната американска писателка на психолошки трилери, Сара Пеканен, во Скопје на 25 април.
Пеканен ќе биде дел од програмата на штандот на „Арс Ламина“ на Саемот на книгата 2026, со кој започнува одбележувањетона 20-годишниот јубилеј на издавачката куќа.
На средбата со македонските читатели, на 25 април (сабота), која ќе започне во 13 часот, ќе биде промовиран нејзиниот нов психолошки трилер „Куќа од стакло“, што неодамна излезе од печат на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
По промоцијата ќе следуваат потпишување и дружба со авторката. За време на гостувањето во Скопје, таа ќе одржи и мастерклас.
Сара Пеканен е американска писателка и поранешна наградувана новинарка, која кариерата ја започнала со истражувачко новинарство во Вашингтон, а потоа и во Baltimore Sun. Добитничка е на наградата „Dateline“ за новинарство. По напуштањето на новинарството и посветувањето на семејството, Пеканен целосно се насочува кон пишувањето, започнувајќи успешна книжевна кариера со романот The Opposite of Me, објавен од Simon & Schuster.
Досега има објавено 15 книги – самостојни и коавторски, чии права се продадени во бројни земји ширум светот. Особено е позната на македонската публика и како коавторка на бестселерите „Анонимна девојка“, „Не си сама“ и „Златната двојка“, што ги има напишано заедно со својата пријателка и уредничка Грир Хендрикс.
Романот „Куќа од стакло“ е еден од нејзините најпознати наслови, номиниран за Goodreads Choice Award и прогласен за книга на годината од „Амазон“.
Книгата раскажува приказна за адвокатка која застапува деца во сложени разводи и случаи за старателство. Нејзиниот нов клиент е деветгодишната Роуз Баркли, која можеби била сведок на убиство на својата дадилка. Во текот на бракоразводната битка, девојчето престанува да зборува, а адвокатката Стела Хадсон се обидува да ја открие вистината – во ситуација кога сите лажат и секој може да биде осомничен.
МИА

Македонски


