
Казната од 12 години затвор за вакво свирепо убиство е ништо друго освен награда за сторителот, смета таткото на загинатата Фросина Кулакова, Тодор Кулаков, реагирајќи пред новинарите пред Основниот кривичен суд во Скопје откако на возчот Васил Јованов, кој во јануари ја усмрти неговата ќерка, му беа пресудени 12 години затвор.
Само уште кога влегов во судницата забележав дека родителите на Васил Јованов се релаксирани. Дали они ја знаеја казната за разлика од претходното рочиште кога беа вкочанети? Затоа во држава во која дилерите на дрога и немилосрдните убијци се прогласуваат за светци, спортисти и посветени студенти, според зборовите на одбраната, а беше прифатено од судијата, таква е и срамна пресудата. Убиецот Васо и останатите тројца во автомобилот се светци, а загубата на животот на Фросинче е едноставно е небитно. Животот одамна е докажано дека нема вредност според законите на оваа држава. Откако целиот овој случај е искасапен, не исклучуваме нашето незадоволство повторно преку протести да го изразуваме пред судовите и пред Судскиот совет. Тие штитат вакви криминалци од судии. Многумина на душа ќе ја носат Фросина. Бог нека им суди и нека им пресуди. Ние не се откажуваме, порача Кулаков.
Таткото на Фросина порача дека „никој не обрнал внимание на повеќето сведоци кои биле прикриени и должни да одговараат пред законот за уништување на клучни докази, како совозачот Лорен кој додека се возеле, снимал со неговиот телефон и потоа таа снимка ја избришал“.
Лорен е син на познат скопски кафанџија и затоа ја има целата заштита од системот. Судот е чиста мафија и вакви убијци ги штити и такви пресуди носи. Наместо Лорен како клучен сведок да добие кривична пријава за уништување на докази за убиство…Многу поголема ќе беше казната за Васо, но и за другите тројца во возилото. Овој систем ги сокри и треба да одговара за соучество во убиство, додаде Тодор.
На излегување од судницата Кулаков влезе во директна расправија со родителите на Васил Јованов. Тој му порача на судот дека е мафија.