
Поранешниот градоначалник на Свети Николе, Сашо Велковски, се соочува со кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Од МВР информираат дека пријавата ја поднела Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Свети Николе, а се однесува на постапки преземени во текот на 2021 година, кога Велковски ја извршувал функцијата градоначалник.
Според наводите во пријавата, тој ги пречекорил своите службени овластувања постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за градење и Правилникот за начинот на издавање одобренија за градење. Како што соопштува полицијата, лично изготвил, потпишал и издал одобрение за градење кое не било евидентирано во електронскиот систем на Секторот за урбанизам при Општина Свети Николе.
Од МВР наведуваат дека таквото одобрение било правно неважечко, но сепак било искористено од изведувач од Скопје за изградба на објект вреден 15.488.118 денари. Според полицијата, со ова била предизвикана штета во истиот износ на нарачателот на објектот.
Дополнително, од Министерството посочуваат дека објектот не е впишан во Агенцијата за катастар на недвижности во Свети Николе, бидејќи се води како бесправно изграден објект.
Истрагата за случајот продолжува, а надлежните институции ќе ги утврдуваат сите околности поврзани со издавањето на спорното одобрение за градење.

Македонски


