
Две лица вчера со употреба на нож му се заканиле и одзеле 3.000 денари од случаен минувач на кејот на реката Вардар кај поранешно „Дрво – Декор“.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Разбојништво.
Другото лице кое учествувало во разбојништвото се уште не е идентификувано.
Двајцата соизвршители, на 14 февруари во попладневните часови, кај поранешно “Дрво-Декор” на кејот на реката Вардар, нападнале еден оштетен, му впериле нож во грбот и со употреба на сила и сериозна закана му одзеле 3.000 денари. Потоа го удриле неколку пати и избегале, информираат од обвинителство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот 26-годишник поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.
При предлагањето на најстрогата мерка за обезбедување обвинителот имаше предвид дека кривичното дело е извршено сред бел ден, во строгиот центар на градот, на локација со голема фреквенција на луѓе, па ценеше дека обезбедувањето на осомничениот е во функција и на заштита на граѓаните и нивното безбедно движење, стои во соопштението на ЈО.
Надлежните органи преземаат дејствија за откривање и на другото лице.