![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/screenshot_3-5.jpg)
Коренот на сите проблеми во општеството доаѓа од судскиот систем бидејќи тој има неприкосновена обврска да покаже и докаже дека злоделата мора да бидат соодветно казнети, бидејки законодавецот предвидел многу повисоки казни од оние што судот во пракса ги досудува. Тогаш секој од нас ќе знае и размислува за последиците пред постапките.
Ова денеска во Неготино, го изјави Росица Кулакова на протестот организиран за нејзината сестра 22 – годишната неготинка, Фросина, која загина на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Таа се заблагодари на сите кои дојдоа да изразат протест против неказнивоста на ваквите дела и, како што рече, корумпираноста во судството.
Доколку судијката му го продолжила притворот се до правосилност на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација тој само ќе беше спроведен во затвор – мојата сестра Фросина денес ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судиката Даниела Алексовска Стојановска, побара сестрата за 20-годишниот Васил Јованов кој ја предизвика сообраќајката во која загина Фросина.
Во името на другарките на Фросина, се обрати Катерина Недева која посочи дека протестот е израз на нивната болка и бес за загубата на еден млад живот против насилството во сообраќајот. Според неа, колективниот аларм треба да ги насочи сите фактори во активна мисла за создавање безбедни и сигурни улици, почитувани правила од свесни учесници во сообраќајот, оти, вели, со секоја несреќа, со секој одземен живот умира дел од човечноста на заедницата.
Ова мора да престане! Изнајдете начин вие што ја имате моќта на одлучувањето во свои раце – во законските рамки, во воспитната превенција, во правичното и неселективно судство. Секој чекор од овој протесен марш е порака до вас. Почнете. Со објективна проценка , со праведна и строга казна и продолжете со едукација за подигање на свеста и совеста на секој еден учесник во сообраќајот. За да ја поттикнеме одговорноста кај возачот, мора да ја казниме неодговорноста на возачот без сообраќајна дозвола, нагласи Недева.
Таа потенцира дека чистата совест и правилното однесување може да спречат многу сообраќајни трагедии.
Секој чекор од овој протесен марш е поддршка на семејствата што изгубиле дел од својата душа и што мора да продолжат да чекорат со товарот на загубата. Од моментот кога една човечка судбина добила име, општеството станува должник на семејството. А нему единствена утеха може да му биде, правда за неговото дете, истакна Недева.
Ние не сме овде, порача таа, за да бидеме бројка, туку само обични ранливи луѓе кои лесно можат да станат жртва на некој алкохолизиран возач без возачка дозвола.
Ние не сме статисти! Ние сме глас на болката, глас на бесот, глас на стравот, глас на општеството со црвена дамка. Погледнете во нас и разберете го родителот кој е клекнат на колена. Погледнете во нас и видете го маршот на вознемирените луѓе кои знаат дека нивниот страв е почеток на храброста да се борат против смртоносните траги на асфалтот. Должината на овој марш се мери со големината на нашата заедничка одговорност, затоа судете праведно, казнувајте строго, воспитувајте посветено. И секако, бараме правда за Фросина, апелираше Недева.
На протестот, барајќи правда, дојдоа и блиски на претходно загинатите Михаела Стеваноска, Слободан Ангеловски, Ивица Цековски, Мите Танов и други, посакувајќи ова низ шттие минуваат, никому да не му се случи. Но, побараа и ревизија на сите сомнителни судски случаи.
Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари, годинава беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој, според обвинителството, возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. На Јованов му е одреден притвор од 30 дена.