Skip to main content

Голем пожар кај Градско, пренасочени ер-тракторите од Китка

Принтскрин од видео од ДЗС

Во Општина Градско претпладнево изби тежок пожар на атарот помеѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево, кој поради силниот ветар и сувата трева брзо се проширил и ги загрозил околните населени места, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Ангелов посочи дека пожарот најверојатно започнал од стрниште, а по итниот повик од градоначалникот на Градско, на терен веднаш биле упатени противпожарни екипи од соседните општини.

Пред околу 11 часот изби тежок пожар на територијата на општина Градско, во атарот помеѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево. Пожарот најверојатно е започнат од стрниште, но поради високата и сува трева и ветерот којшто овде дува, се раширил со голема брзина загрозувајќи ги двете села. Ми се јави итно градоначалникот на општина Градско, бараше итна помош, рече Ангелов.

Поради брзото ширење на огнената стихија, ресурсите од Велес, Неготино и Кавадарци не биле доволни, па морало да се интервенира и од воздух со пренасочување на воздухопловите кои претходно дејствувале во друга регија.

Ги пренасочив овде, помогнаа за почетно фаќање контрола врз овој пожар, а веднаш потоа продолжи со дејство и полицискиот хеликоптер. Голема благодарност и до локалното население коешто со трактори излезе да заора, да направи противпожарни пресеки и со тоа да го пресече овој пожар. Се надевам дека набргу истиот ќе биде целосно изгаснат, истакна Ангелов во видео изјава.

Полицискиот хеликоптер и локалните жители со земјоделска механизација исто така помогнале во правењето на противпожарни пресеци за локализирање на огнот.

Поврзани вести