
Од Министерството за внатрешни работи попладнево информираа дека се приведени дилери, откако била пронајдена дрога во Гевгелија и Струмица.
На 27 февруари, лишени од слобода биле Б.П., на возраст од 24 години од Валандово, како и Р.Ј. и З.П., на возраст од 24 и 34 години од Струмица. При претрес на домот во Струмица, каде престојувал Б.П., извршен со судска наредба, биле пронајдени кеси со бела прашкаста материја, кеса со марихуана и предмети со остатоци од бела прашкаста материја.
Претходно, пред домот каде престојува Б.П., заедно со Р.Ј. и З.П. биле затекнати при купопродажба на дрога. При преглед кај Р.Ј. била пронајдена марихуана, а З.П. побегнал од местото, но, подоцна бил пронајден од страна на полициски службеници. Б.П., Р.Ј. и З.П. се задржани во полициската станица – Струмица, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица, појаснуваат од МВР.
Вчера пак, полициски службеници го лишиле од слобода Д.К., на возраст од 35 години од Струмица.
При претрес на неговиот дом во Струмица, извршен со судска наредба, биле пронајдени полиетиленски пакувања и тегла со зелена растителна материја, семки и дигитална вага. Д.К. бил задржан во полициската станица – Струмица, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица, истакнуваат од МВР.
Во текот на вчерашниот ден, од слобода бил лишен и 27-годишниот Д.П. од Гевгелија.
При претрес на неговиот дом во Гевгелија, извршен со судска наредба, биле пронајдени бела грутчеста материја, растителна материја, дигитална вага и дробилка. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гевгелија, додаваат од МВР.
По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави.