
Осумнаесет килограми злато вредно околу 1,8 милиони евра украле четворица маскирани и вооружени разбојници синоќа во „филмскиот грабеж“ на златарница која се наоѓа во центарот на Гостивар.
Министерството за внатрешни работи информира дека вооружени со автоматско оружје, тие влегле во златарницата во близина на малиот пазар околу 18:45 часот и со закана по живот ја принудиле личноста да им го предаде златниот накит.
По извршувањето на грабежот, разбојниците побегнале со патничко возило „БМВ Х3“ без регистарски таблички. Околу 19 часот, полицијата пронашла опожарено возило со ист опис на регионалниот пат Мавровска крстосница – село Маврово.
Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица – Гостивар, а при увидот во возилото е пронајдена автоматска пушка со бајонет.
Возилото е пренесено во кругот на Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај во Гостивар, по наредба на јавен обвинител, кој ја координира истрагата.
Станува збор за златарница во сопственост на С.Ж. од Гостивар.
Од Министерството за внатрешни работи информираат и од Обвинителството информираат дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот со украденото злато.