
Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против З.А., поранешен директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“ согласно член 354 став 1 од Кривичниот законик.
Кривична пријава е поднесена и против Ф.М., поранешен заменик-директор во агенцијата, поради помагање во проневера, како и против петмина вработени – Л.У., А.Р., Е.Т., А.Б. и А.Б., кои, според пријавата, учествувале во изготвување и реализација на незаконски решенија за службени патувања.
Според информациите, во периодот од 2017 до 2020 година, З.А. како директор на агенцијата во повеќе наврати примал дневници за службени патувања во странство во повисок износ од дозволениот. Имено, тој земал дневници во висина од 50%, иако според уредбата за службени трошоци му следувале само 20%, бидејќи трошоците за сместување и исхрана не биле на товар на институцијата.
Поранешниот заменик-директор Ф.М., според наводите во пријавата, со потпишување на решенија за одобрување на патувања му помогнал на З.А. незаконски да ги присвои средствата.
Дополнително, дел од службените лица во агенцијата подготвувале и одобрувале решенија за исплата на парични средства иако знаеле дека тие не се во согласност со уредбата, со што му овозможиле на поранешниот директор да се стекне со противправна имотна корист од 62.530 денари, на штета на буџетот на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Случајот е предаден на понатамошно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје.

Македонски








