
Основното јавно обвинителство Прилеп денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 16 физички и седум правни лица, додека уште девет други лица се осомничени за дела кои се гонат во скратена постапка за прекршување на прописите за јавни набавки во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп.
Како што соопштија од ЈОРСМ, тие се осомничени за кривични дела – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од член 275-в, како и Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик.
-Со пријавата се опфатени и дејствија на несовесно работење, злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за дел од осомничените, кои обвинителството исто така ги испитува, велат оттаму.
Според Обвинителството, постои основано сомнение дека осомничените, како соизвршители, учествувале во дејствија со кои свесно ги повредувале прописите за јавни набавки во ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Прилеп со намера за себе или за друг да остварат значителна имотна корист, односно да предизвикаат значителна имотна штета на болницата, што е поткрепено и со наоди од извештај на Државниот завод за ревизија.
Осомничените, меѓу кои поранешната директорка, раководители и други вработени на болницата, но и управители на осомничени правни лица, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата, предизвикале вкупна штета на буџетот на болницата „Борка Талески“ од 42.726.978 денари, стои во соопштението од Обвинителството.
Оттаму дополнуваат дека Основното јавно обвинителство Прилеп до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за останатите 19 физички лица се предложени мерки на претпазливост