Skip to main content

Имал четири деца, оформил цврсти врски со државата и здравјето не му било добро: Зошто Јахоски доби куќен притвор, додека другите се во Шутка?

Веста дека на Асмир Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“ судија на претходна постапка му одреди мерка домашен притвор, два дена ја бранува јавноста.

Тој е еден од осомничените кои се товарат дека направиле штета на државниот буџет во износ од 167.549.985 евра. Притвор беше одреден за Ратко Капушевски, генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенси и нафтени деривати за злоупотреби во набавки на мазут и перење пари, на Р.К., А.М. и Е.С. им е определена мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на опасност од бегство и околности кои укажуваат дека ќе ја попречат истрагата со влијание на сведоци, а за останатите седум осомничени кои беа спроведени во судот, судијата го прифати предлогот на јавниот обвинител и донесе решениja за определување на мерки за претпазливост.

Јавното обвинителство денес се огласи со соопштение, во кое се појаснува зошто не е прифатена мерката притвор за Јахоски, туку му е определена мерка куќен притвор.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по информациите што се пренесуваат во одредени медиуми, ја информира јавноста дека Основниот кривичен суд Скопје ги достави решенијата на судијата на претходна постапка со кои за четворица осомничени е прифатен предлогот на обвинителството и им е определена мерка притвор. За едно лице осомничено за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело предлогот на обвинителството за определување на мерка притвор не е прифатен и е определена мерка куќен притвор.

Во образложението на Решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација.

Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа.

Поврзани вести