
На денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, судот до одбраната на обвинетите ги достави снимките од камерите од системот „Сејф сити“ во периодот за кој обвинителството тврди дека е грабнат и убиен 74-годишниот велешанец.
Конкретно се работи за снимки од 21 и 22 ноември 2023 година од Скопје.
Одбраната на првоосомничениот Љупчо Палевски – Палче тврдеше дека неговото возило „рено кангу“ ноќта меѓу 21 и 22 ноември во 00 часот и 15 минути е забележано од камерата 67 од мостот кај Нова Железничка. Но, на снимките тоа го нема. Како што тврди одбраната на Палевски тие немаат таков програм со кој можат да ги отворат снимките од „Сејф сити“.
Овој датум е важен бидејќи на претходните рочишта беше пуштена снимка од домот на Велибор Манев, на истиот датум, на кои се гледа „кангуто“ на Палевски. Обвинителството тврди дека тој ден се спремало грабнувањето на Жежовски кој живеел во непосредна близина на Манев.