Во декември 2024 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 5,30% и остварила месечен и годишен пад од 0,06 п.п. и 0,17 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на вкупните депозити, пак, бележи месечен и годишен раст од 0,05 п.п. и 0,38 п.п., соодветно и изнесува 2,17%, соопшти Народна банка.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, овој месец, е пониска за 0,40 п.п. и 0,79 п.п., соодветно, на месечна и на годишна основа и изнесува 4,42%. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 2,78% и забележа месечно намалување од 0,02 п.п., додека на годишно ниво се зголеми за 0,41 п.п.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор на месечно ниво е пониска за 0,09 п.п. и изнесува 4,96%. Притоа, намалувањето се должи на падот на сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,09 п.п., соодветно) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,08 п.п.). Во споредба со декември претходната година, оваа каматна стапка е пониска за 0,37 п.п.
Во декември 2024 година, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесува 4,39% и на месечна основа се намали за 0,29 п.п. Надолната промена е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,42 п.п.), додека каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и кредитите во странска валута се зголемени (за 0,34 п.п. и 0,23 п.п., соодветно). Анализирано на годишно ниво, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор оствари пад од 0,91 п.п.
Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е повисока за 0,01 п.п. и изнесува 2,69%. Анализирано според валутната структура, месечната промена е резултат на растот на каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,03 п.п., соодветно), во услови на пад на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,07 п.п.). Споредено на годишно ниво, оваа каматна стапка е повисока за 0,63 п.п.
Во декември, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор изнесува 2,59% и на месечно ниво е зголемена за 0,16 п.п. Растот е резултат на зголемувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута и на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,17 п.п. и 0,14 п.п., соодветно), додека каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула се непроменети. Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е зголемена за 0,40 п.п.
Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата бележи месечен пад од 0,03 п.п. и изнесува 5,63%. Месечниот пад се должи на намалените каматни стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,04 п.п. и 0,01 п.п., соодветно), во услови на непроменети каматни стапки на кредитите во странска валута. Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата, во споредба со истиот месец претходната година, бележи зголемување од 0,04 п.п.
Во декември, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата изнесува 4,47% и на месечно ниво е пониска за 0,56 п.п. Притоа, намалувањето е резултат на падот на сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,74 п.п.), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,33 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,13 п.п.). На годишно ниво, каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е намалена за 0,55 п.п.
Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата, изнесува 2,10% и на месечно ниво е зголемена за 0,05 п.п. Растот на месечна основа се должи на зголемувањето на сите компоненти: каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,07 п.п.), каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,04 п.п.) и каматните стапки на депозитите со валутна клаузула (за 0,03 п.п.). На годишно ниво, оваа каматна стапка е зголемена за 0,34 п.п.
Во декември, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата6 е намалена за 0,05 п.п. на месечно ниво и изнесува 2,83%. Падот на месечна основа се должи на намалените каматни стапки на депозитите во странска валута (за 0,16 п.п.) и на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Притоа, овој месец банките и штедилниците не евидентирале новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата се зголеми за 0,41 п.п. на годишна основа, стои во соопштението од Народна банка.