Skip to main content

За денеска најавен нов бојкот на маркетите

 За денеска е најавен нов бојкот на маркетите по минатонеделниот кога прометот во големите трговски ланци беше намален за речиси 50 проценти. Додека граѓаните се повикуваат на нов бојкот поради високите цени на основните прехранбени производи, надлежните најавуваат мерки кои треба да бидат познати во текот на денешниот ден или во понеделник. 

До крајот на неделата треба да завршат и шестмесечните контроли на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците по што Инспекторатот треба да излезе во јавноста со податоци.

– Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки, истакна вчера министерот за економија Бесар Дурмиши.

Според него, легитимно е да има бојкот на маркетите бидејќи одредени компании генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. – Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Ќе ве известиме како ќе постапиме понатаму, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации, рече Дуримиши.

Поврзани вести