Skip to main content

Унгарската 4iG влегува во конкуренција со побрз интернет и со пониски цени

Пал Заранди, главен стратешки директор на унгарската 4iG групација, најави дека до крајот на 2026 година македонските граѓани ќе добијат можност за користење нова 5G мрежа. Овој чекор, според него, ќе донесе свежа конкуренција на телекомуникацискиот пазар, ќе ги намали цените и ќе го зајакне дигиталниот екосистем во земјата.

Во интервју за МКД.мк, Заранди истакна дека 4iG преку својата подружница „Оне Македонија Телекомуникации“ веќе доставила писмо со намери до македонските власти, со што започнува процесот на официјален влез на пазарот.

Како што објаснува Заранди, стратегијата на 4iG не е насочена само кон обезбедување телекомуникациски услуги, туку и кон поширока поддршка на националната дигитална трансформација.

– Македонската влада ја дефинираше дигитализацијата како клучна стратешка насока во своите политики. Од трансформација на јавната администрација, преку дигитално образование и здравство, па сè до развој на инфраструктура за поврзување на граѓаните и бизнисите – тоа се цели што се совпаѓаат со нашата визија – истакна Заранди во интервјуто.

Тој додаде дека 4iG гледа вистинска можност да стане партнер во реализацијата на овие цели, особено преку изградба на современа 5G инфраструктура.

Со влезот на нов играч, се очекува интензивирање на конкуренцијата на пазарот, што според Заранди е позитивен тренд. Тој смета дека новата 5G мрежа ќе биде од огромна важност не само за приватните корисници, туку и за економијата, индустријата, образованието и за дигиталните стартапи.

– Кога има здрава конкуренција, сите играчи се трудат повеќе – подобрувајќи ги услугите и намалувајќи ги цените. Тоа директно им користи на граѓаните – вели Заранди.

Во однос на динамиката на процесот, тој вели дека засега се одвива подготвителна фаза, на што претходеа интеракции со Владата и со регулаторното тело.

– Сега, се надеваме дека ќе ја добиеме лиценцата и ќе почнеме со тешкиот дел од работата, воспоставување на операции, поставување базни станици. Се надеваме дека целиот процес ќе тече непречено. Се надеваме дека регулаторната рамка ќе биде многу поддржувачка. Работевме со локални експерти кои многу добро го познаваат пазарот и тие не ни посочија никакви поголеми проблеми, што ни дава оптимизам, но ќе видиме – објасни Заранди.