
Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, оствари средба со Куреш Мукадам, сопственик на компанијата за производството на висококвалитетни системи за загревање вода „Зенит вотер хитер“ (Zenith Water Heater), на која се разговарал за тековните активности на компанијата и можностите за нови инвестиции во рамки на зоните.
Како што соопштуваат од ТИРЗ, на средбата, Димовски ги презентирал инвестициските можности што ги нуди државата преку ТИР зоните, при што ја нагласил активната институционална поддршка за потенцијалните инвеститори, стабилната деловна клима и поволностите за долгорочен раст и развој на компаниите кои работат во зоните.
Како што се наведува во соопштението, сопственикот на „Зенит вотер хитер“ изразил интерес за инвестирање, и ги претставил плановите за проширување на деловните активности, имајќи предвид дека компанијата веќе е присутна во земјава. Тој ја истакнал позитивната соработка со институциите, како и значењето на поддршката при носењето одлуки за нови инвестиции.
Компанијата „Зенит вотер хитер“, со седиште во Аџман, Обединетите Арапски Емирати, е меѓу водечките светски производители на бојлери и системи за загревање вода. Како подружница на „Стар индустриал продуктс ЛЛЦ“ (Star Industrial Products LLC), компанијата нуди сигурни и ефикасни решенија за домаќинства, бизниси и индустрии, а своите производи ги пласира на пазарите во повеќе од 30 земји на Блискиот Исток, Азија, Европа и Африка, стои во соопштението.

Македонски




