Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) објави повик за претквалификација за изградба на автопат Е-65, делница Букојчани – Кичево, км 2+500 – км 12+727, и 5-годишно одржување на автопатската делница. Повикот е отворен до 17 март годинава и е објавен на ECEPP-платформата на ЕБОР од каде е обезбеден заем за изградбата на планираните 10,2 километри автопат.
Според претходните најави на надлежните институции, вкупните проектирани трошоци за автопатската делница изнесуваат 132,7 милиони евра, од кои 110 милиони евра заем од ЕБОР, а 19,8 милиони евра инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Автопатската делница ќе има двоен коловоз со по две сообраќајни ленти од 3,5 m, со брзина на движење од 100 километри на час. Работите опфаќаат и изградба на клучки, мостови, пропусти, тунел,одводни канали, олуци, берми и потпорни ѕидови, стои во повикот.
Во Годишната програма за работа на ЈПДП за Букојчани-Кичево се предвидени 650 милиони денари. Оваа делница е надоврзување на трасата Гостивар – Букојчани, во должина од 30,1 километар, која е дел од пакетот автопатски делници што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Како што изјави претходно за МИА директорот на ЈПДП Коце Трајановски, се преземаат активности за да се отвори што поголем фронт за работа на „Бехтел и Енка“ на трасите и изведбата да биде во рамки на роковите предвидени со Договорот. На крајот на 2024 година беа завршени 3241 од вкупно 4031 парцела за експропријација, а 791 беа во постапка.
На делницата Гостивар–Букојчани има активности на шест километри, на исто толку километри и на делницата Прилеп – Битола, а на делницата Тетово–Гостивар на три километри. Според плановите на ЈПДП, на почетокот на годинава се очекува да заврши изградбата на камповите на Изведувачот и значително да се зголемат активностите на терен.
ЈПДП планира годинава да се работи комплетно на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 километри, на Гостивар–Букојчани на приближно 17 километри, а на Прилеп–Битола планирани се активности на приближно 25 километри.