
Општина Штип денеска беше домаќин на иницијативата „Каде што срцето е дома“, во чии рамки министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари средба со градоначалникот Иван Јорданов и претставници на општинскиот Совет. На средбата разговараа за тековните проекти, визијата и стратегијата на Општината за понатамошен развој во насока на подобрување на квалитетот на живот на локалното население.
По средбата, министерот Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, извршија увид на градежни активности на проектот за изградба на обиколница, капитален проект вреден 141 милион денари, кој Општината го финансира со средства од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Направија увид и на изградба на булеварот „Партизанска“, кој се финансира со општински средства, а го посетија и Универзитетот „Гоце Делчев“ каде свечено беше отворена лабораторија „Markerspace”, современа лабораторија за иновации, истражување и развој достапна за студентите, академската заедница, стартапите и претставниците на стопанството.

Владините претставници, денешната посета на источниот регион од земјава ја искористија и за посета на Карбинци, каде извршија увид на градежни активности на проектот за реконструкција на сервисна улица во село Таринци, проект од првиот владин јавен повик.
Градоначалниците на Штип и Карбинци, Јорданов и Паунов, изразија благодарност за посетата на владините претставници и безрезервната поддршка која централната власт ја дава за развој на локалната самоуправа и за реализација на суштински проекти за развој на нивните општини.
„Реализацијата на проектите ќе значат и ќе овозможат на краток и среден рок, огромен развој на градот Штип, можност за идна урбанизација, за нови населби. Кумулативно, во овие три години, заклучно со вториот владин повик, вкупните инвестиции ќе достигнат нешто повеќе од 10 милиони евра за Штип, за развој за доброто на граѓаните. Ова се историски највисоките инвестииции за нашиот град“, истакна Јорданов, кој информираше дека Општината на вториот повик аплицирала со шест проекти.
И Карбинци, посочи градоначалникот Паунов, добива историски најголема финансиска поддршка од оваа Влада. „Благодарни сме на Владата која инвестира и во помалите општини од рурален карактер, а мерките вродуваат со плод, граѓаните се сведоци на реализирани проекти за нивно добро“, изјави градоначалникот.
Министерот Перински порача дека поддршката на локалните самоуправи ќе продолжи со несмален интензитет.
„Со овие проекти не само што се подобрува инфраструктурата, туку тие се надеж дека во Македонија повторно ќе може соодветно и модерно да се живее. Во таа насока и ќе продолжиме, за да придонесеме и стимулираме развој и поголем квалитет на живот на сите граѓани“, истакна министерот.
Премиерот Мицкоски беше дециден дека владината поддршка ќе продолжи и во годините што следат, независно од политичката припадност на градоначалниците. „Наш приоритет е квалитетот на живот на нашите граѓани, оваа Влада е посветена целосно на овие речиси 26.000 квадратни километри, на секое парче да инвестира“, потенцираше претседателот на Владата.
Извор: МИА