
Од 1 декември 2026 година, максималниот рок за отплата на станбените кредити ќе се намали од 30 на 25 години, додека за хипотекарните потрошувачки кредити рокот ќе биде скратен од 20 на 15 години. За кредитите за прво купување сопствено живеалиште, рокот од 30 години останува непроменет, тоа е најновата одлука на Извршниот одбор на Народната банка.
Во измените и дополнувањата на макропрудентните мерки се намалува и показателот ДСТИ, кој го покажува односот меѓу месечните отплати на кредитите и приходите на кредитокорисникот.
Максималниот ДСТИ се намалува за пет процентни поени – од 50 на 45 проценти за кредитите во денари и од 45 на 40 проценти за кредитите со валутна компонента. За граѓаните што првпат купуваат сопствено живеалиште, лимитите остануваат непроменети, односно 50 и 45 проценти – потенцираат од Народната банка.
Оттаму велат дека мерките имаат превентивен карактер и се насочени кон навремено ограничување на потенцијалните ризици од прекумерно задолжување на домаќинствата.
Народната банка зпрвпат ги воведе овие макропрудентни мерки во јули 2023 година, а нивната поставеност дополнително се зајакна од декември 2025 година – се наведува во образложението на одлуката.
Досегашните податоци, според Народната банка, покажуваат подобрување на структурата на новото кредитирање, со намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар. Новите мерки се носат во услови на, како што оценува Народната банка, здрав и стабилен банкарски систем и без присутни системски ризици. Во исто време, кредитната активност кон физичките лица продолжува да расте.
Во првото полугодие од 2026 година, годишниот раст на кредитите на физичките лица достигнал 12,2 %, наспроти 11,2 % во 2025 година. Највисок раст е забележан кај станбените кредити, каде што е зголемено кредитирањето за 16,6 %. Со измените, регулаторот го задржува поповолниот третман за граѓаните што првпат купуваат сопствено живеалиште, имајќи ја предвид специфичната намена на овие кредити.

Македонски


