Skip to main content

Николоски: Вложуваме напори за изградба и модернизација на паневропските коридори 8 и 10

Министерство за транспорт

Вложуваме силни напори за изградба и модернизација на двата европски коридори што минуваат низ земјата, преку железничкото поврзување со Бугарија, изградбата на брза пруга на Коридорот 10 и градење на автопатски делници на Коридорот 8, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на Министерскиот совет на Транспортната заедница, што денеска се одржува во Брисел.

Имаме среќа што два паневропски коридори, 8 и 10, минуваат низ земјата и решивме како Владата да вложиме напори за напредок на двата коридори. Тоа е нешто на што работиме заедно со нашите пријатели и партнери, рече Николоски.

Тој потсети дека минатиот месец беше потпишан договор со Бугарија за директно железничко поврзување меѓу главните градови Скопје и Софија преку Коридорот 8.

Тоа е големо достигнување за двете земји. Нешто што целосно ќе ја промени реалноста во регионот и сега работиме за да го спроведеме. Од наша страна, железницата е поделена на три делници. Едната е во функција од јануари годинава, втората се надевам ќе ја завршиме следнава година, а за третата работиме со нашите партнери од ЕИБ за да го објавиме тендерот не подоцна од јануари и очекувам напредок и таму и така ќе дојдеме до спојување со Бугарија преку тунел, истакна Николоски.

Кога станува збор пак за Коридорот 10, Николоски нагласи дека во делот на железницата земјава реши да изгради брза железница со брзина на движење до 200 километри на час за патничките возови и 120 километри на час за товарните возови, за што од Велика Британија е обезбедено поволно финансирање и веќе се спроведува подготвителната работа.

Ако се биде добро, очекувам првите машини да бидат на терен не подоцна од јуни 2026 и да завршиме за период од пет години. Тоа ќе биде голем поттик за економијата во регионот и за поврзувањето, додаде вицепремиерот.

Николоски информира и дека во тек е процедурата и за автопатите на Коридорот 10, за што се работи со Светската банка, а се работи и на автопатските решенија на Коридорот 8.

На Коридорот 8 ја отворивме источната делница меѓу Куманово и Крива Паланка во јануари. Работиме на западната делница и би сакал да ве поканам сите да видите што работиме, истакна вицепремиерот Николоски.

На Министерскиот совет, кој се одржува во организација на Секретаријатот на Транспортната заедница, се разговара за напредокот на земјите од Западниот Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурните проекти.

На состанокот, со кој претседава еврокомесарот за одржлив транспорт и туризам Апостолис Ѕиѕикостас, покрај Николоски учествуваат и министри за транспорт и владини претставници од повеќе европски земји, меѓу кои и од Албанија, Бугарија, Ирска, Кипар, Косово, Романија, Словенија, Србија и Црна Гора.

Со учеството на Министерскиот совет, Николоски ја завршува работната посета на Брисел, во чии рамки вчера се обрати на панелот „Прашања на проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“ во рамки на „Самитот ЕУ-Западен Балкан“, што го организираше тинк тенкот „Пријатели на Европа“, а имаше и повеќе билатерални средби со свои колеги и претставници на ЕУ и на Транспортната заедница.

Поврзани вести