
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски во Белград се сретна со својот српски колега, Драган Гламочиќ. Во фокусот на разговорот, како што информира МЗШВ, беа можностите за продлабочување на соработката во земјоделството, преработката, безбедноста на храната и ветеринарната заштита, како и создавањето нови развојни можности меѓу двете земји.
Министрите Серафимовски и Гламочиќ посочија дека географската близина, поврзаноста на пазарите и сличните предизвици со кои се соочуваат земјоделците претставуваат добра основа за поцврсто партнерство. Соработката меѓу двете земји, беше нагласено, треба да добие практична димензија преку размена на знаење и технологии, нови деловни врски и подобро поврзување на примарното производство со преработувачката индустрија.

Министерот Серафимовски нагласи дека македонското земјоделство влегува во нова развојна фаза во која институционалната поддршка се насочува кон поттикнување на поголемо и поквалитетно производство, модернизација и подобра пазарна позиција на домашните производи.
Нашата задача е земјоделството да произведува повеќе и поквалитетно, да привлече нови инвестиции, да биде подготвено за климатските и пазарните промени и да понуди препознатливи производи со поголема додадена вредност, усогласени со европските стандарди. Регионалната соработка може да ја забрза таа промена и да отвори нови можности за земјоделците и сточарите, истакна министерот Серафимовски.
Министерот Гламочиќ оцени дека двете држави имаат добра основа за натамошно продлабочување на соработката, особено преку размена на искуства во модернизацијата на производството и усогласувањето со европските земјоделски политики. Тој посочи дека редовниот дијалог меѓу министерствата може побрзо да ги трансформира заедничките иницијативи во конкретни проекти.
Со поголема поврзаност меѓу институциите, земјоделците и деловната заедница можеме да создадеме простор за нови инвестиции и посилен регионален пазар, рече министерот Гламочиќ.
Со министерот Серафимовски, во Белград беше и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов.

Македонски


