
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Здружението за промоција на природните науки „Откритие“ потпишаа меморандум за соработка со кој почнува нова фаза во промоцијата, заштитата и валоризацијата на македонскиот рубин и целокупното геолошко наследство на државата.
Меморандумот го потпишаа министерката Сања Божиновска и претседателот на Здружението, Илија Петковски, со што се воспоставува институционална, научна и стручна соработка насочена кон афирмација на геонаследството, минералното богатство и палеонтолошкото наследство на Македонија.

Според Министерството, меморандумот претставува продолжение на заложбите на Министерството за афирмација заштита, валоризација и промоција на македонското минерално богатство. По воспоставувањето на правната заштита на македонскиот рубин, следниот чекор е негова поширока презентација пред домашната и меѓународната јавност како еден од најпрепознатливите симболи на македонското геолошко наследство.

Македонија поседува исклучително богато геолошко наследство, кое со децении било недоволно промовирано богатство, кое заслужува многу поголема видливост. Нашата цел е да стане достапно за јавноста, да ја развиваме научната свест, да ја доближиме геологијата до граѓаните, да го поттикнеме интересот кај младите за природните науки, да го развиваме геотуризмот и да покажеме дека природните богатства, се дел од нашиот национален идентитет и развоен потенцијал. Македонскиот рубин е еден од тие највредни симболи и заслужува да биде достојно претставен пред светот – истакна министерката Божиновска.
Со меморандумот се воспоставува долгорочна соработка, која предвидува организирање изложби, научно-популарни настани, јавни предавања, работилници, едукативни програми и тематски поставки, како и воспоставување партнерства и соработка со домашни и странски музеи, универзитети и научни институции за промоција на македонското геонаследство.
На потпишувањето присуствуваше и Деан Шкартов, еден од најголемите промотори и познавачи на македонскиот рубин, долгогодишен член и соработник на Здружението „Откритие“, чија богата минералошка колекција претставува значаен придонес во афирмацијата на македонското геолошко наследство во земјата и странство.

Како резултат на ова партнерство, во просториите на Министерството ќе биде формиран центар за промоција на геонаследството, кој ќе прерасне во постојан изложбен и едукативен простор за презентација на минерали, кристали, фосили и други геолошки експонати. Центарот ќе биде место каде што институциите, науката и стручната фела ќе работат заедно на заштита, валоризација и меѓународна промоција на македонското геолошко наследство, развој на геотуризмот и поголема свест за природните богатства што ги поседува Македонија.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со оваа иницијатива уште еднаш потврдува дека природните ресурси не се само економски потенцијал, туку и национално богатство што треба да се заштити, научно да се вреднува и достојно да се претстави пред идните генерации и пред светот.

Македонски


