
Извештајот од надзорот за прогрес на работите за автопатските делници на коридорите 8 и 10д што ги гради конзорциумот „Бехтел“ и Енка“ за периодот од 1 до 30 април годинава покажува дека се завршени 95 проценти од проекциите за експропријација за автопатската делница Тетово-Гостивар, 46 проценти за Гостивар-Букојчани, а 78 проценти за делницата Прилеп-Битола.
Според Извештајот, објавен вчера на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), за делницата Букојчани-Гостивар се реализирани 73 проценти од геотехничките истражувања, а за Прилеп-Битола 63 проценти.
Надзорот регистрира напредок од 60 проценти на работите за спецификација и проектирање на автопатот Тетово-Гостивар, од 30 проценти за Букојчани-Гостивар, а од 49 проценти за Прилеп-Битола.
Како што информираа претходно за МИА од ЈПДП, од градежните активности што се одвиваат на трите делници (Тетово- Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола) се земјани работи на главна траса, изградба на пропусти, армирање и бетонирање на мостови, регулирање на времени сообраќајни режими, се вршат ископи и се изведува заштита на косини. Сите активности се одвиваат со зголемена динамика.
На „Бехтел и Енка“ досега се исплатени вкупно 301.088.222,79 евра. Во април годинава, според Извештајот на надзоорт, имало две исплати од државата преку ЈПДП, од 599.794.350 денари, на 22-ри, и од 524.972.228 денари на 30-ти.
Во активностите, изведувачот заклучно со април ангажирал 1833 лица и 1082 градежни машини.
Кон „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д заклучно со минатата година беа исплатени 261 милион евра, а годинава за таа намена во буџетот на Министерството за транспорт се предвидени 130 милиони евра. Планирано е да се работи комплетно на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 километри, на Гостивар–Букојчани на приближно 17 километри и на Прилеп–Битола на 25 километри.
Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра беше склучен во март 2023 година.