
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порача дека нема намера да ја напушти земјата доколку Српската напредна партија (СНС) ги загуби изборите, истакнувајќи дека ќе ја прифати волјата на граѓаните, но дека ќе остане политички активен.
Во гостување на телевизијата „Прва“, Вучиќ рече дека термините за парламентарните и претседателските избори сè уште не се дефинирани, но најави дека претседателските најверојатно би се одржале во јануари 2027 година, во зависност од тоа кога ќе бидат распишани парламентарните.
„Ако во октомври има парламентарни избори, можно е претседателските да бидат на крајот на декември или почетокот на јануари. Доколку парламентарните избори бидат во ноември, тогаш претседателските сигурно ќе бидат во јануари или можеби најдоцна во почетокот на февруари“, изјави Вучиќ.
Предвремени парламентарни избори веќе со месеци бараат студентското движење и дел од јавноста, во рамки на протестите што започнаа по трагедијата во Нови Сад во 2024 година, кога при уривање на настрешница на железничката станица загинаа 16 лица. Демонстрантите ја обвинуваат власта за корупција и нефункционалност на институциите.
Вучиќ најави дека изборната листа на СНС ќе биде составена од значително поголем број млади кандидати отколку листата што ја подготвува студентското движење.
„Ако граѓаните сакаат да гласаат за младост и иднина – ќе можат да гласаат за СНС. Ние ќе бидеме неспоредливо помлада листа од нивната, а јас ќе бидам меѓу постарите“, рече српскиот претседател, додавајќи дека со гордост ќе биде дел од изборната листа, без оглед на местото што ќе му биде определено.
Тој порача дека не се плаши од изборен пораз и дека единствен страв има, како што рече, „од Бога, историскиот суд и судот на сопствениот народ“.
„Можно е да ги изгубиме изборите, но ќе ги преброиме гласовите. Кога ќе победат, ќе им честитам и истата вечер ќе кажам дека најлошите можни дошле на власт. Ќе им се смеам во лице цело време – и од притвор, и од затвор, и од гроб, пркосно и гордо“, изјави Вучиќ.
Осврнувајќи се на протестите, тој ги обвини Европа и САД дека поддржуваат, како што рече, луѓе кои би го нарушиле правниот поредок во Србија. Сепак, призна дека власта мора да ги слушне критиките од незадоволните граѓани, оценувајќи дека дел од нив се оправдани поради постоењето на корумпирани и арогантни поединци во институциите.
Вучиќ информираше и дека преку платформата „Кој си бре ти?“, наменета за пријавување корупција и злоупотреба на службената положба, досега пристигнале околу 10.000 пријави, од кои одговор е доставен на приближно 3.500.

Македонски



