
Во Косово денеска официјално почна предизборната кампања за локалните избори во земјата, кои ќе се одржат на 12 октомври.
Во наредните 30 дена, политичките партии и другите субјекти кои учествуваат на изборите ќе можат да ги претстават своите програми. Истражувачите и набљудувачите од граѓанскиот сектор апелираа до кандидатите за градоначалници и општински совети да водат „фер изборна трка“.
Се очекува кампањата да мине мирно, како и на претходните локални избори, за разлика од парламентарните избори каде често имаше меѓусебни навреди меѓу кандидатите. Набљудувачите предупредуваат дека во кампањата не смее да има говор на омраза, напади врз новинари или независни институции, туку фокусот да биде на програмите на кандидатите.
Иако кампањата официјално почна денеска, движењето „Самоопределување“ одржа собир уште во петокот. Очекувањата се дека во најмалку 22 од вкупно 38 општини ќе биде потребен втор круг за избор на градоначалници.
На изборите право на глас имаат повеќе од 2.069.000 граѓани. Од нив 2.025.105 ќе гласаат во Косово, а 43.993 преку пошта. Изборите ќе се спроведат во 938 избирачки центри со вкупно 2.625 избирачки места.