![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/vucic.jpg)
Српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека актуелните протести на студентите, кои речиси три месеци бараат одговорност за трагедијата на Железничката станица во Нови Сад, ќе влезат „во историјата на срамот“ како „највалканата обоена револуција во историјата на човештвото“ поради, како што цени тој, манипулацијата која ја прват врз децата, објавија дел од српските медиуми.
Тој одговорил на неколку прашања патувајќи со воз до Сремска Митровица, на митингот на кој денеска се усвојува „Народната декларација за Војводина во Србија“.
Во изјавата, меѓу другото, им се извинува на српските граѓани што државата дозволила некој да ги извади децата од градинка на улица.
Според Вучиќ, државата не реагирала за да ја добие војната против „надворешните“ кои вели, чекале институциите да применат насилство.
Не реагиравме иако во изминатите два месеци беа направени десетици илјади незаконски дејствија, ниту една палка не беше употребена против демонстрантите – изјави Вучиќ.
На прашањето дали очекува почеток на дијалог со незадоволните граѓани, тој одговори дека нивните лидери, вклучително и универзитетски професори и ректори „знаат дека е готово“, односно дека сега ќе се вратат на разговорите и дека ќе тврдат оти секогаш биле за разговори.
Да се обложиме дека ќе го направат тоа? Готово е. Претежно најбогатите протестираат на улиците. Секогаш е лесно да се генерира незадоволство, тоа е основната политичка структура на секоја револуција која подоцна ја репродуцираат преку медиумите и социјалните мрежи. Ние барем им кажуваме кој ги плаќа тие сендвичи, а тие не кажуваат кој ги плаќа прасињата, јагнињата и автобусите до Крагуевац. Некој од надвор, а се работи за огромна сума на пари. Самите се пофалија дека вложиле 3,1 милијарда евра во моето рушење. И веќе изгубија, не гледаат како веќе се заврти политичкото тркало. Освен ако не ме убијат -рече Вучиќ.
Тој обзнани дека планира наскоро во форма на книга или личен дневник, да објави како ја победил шарената револуција.