Skip to main content

Турските работници протестираа во Анкара, бараат зголемување на минималната плата

Илјадници луѓе протестираа денеска во турската престолнина Анкара, барајќи зголемување на минималната плата и повикувајќи ја владата на оставка.

Турската влада оваа недела објави дека нето минималната плата во 2025 година ќе биде 22.104 турски лири (604,41 евра), што е за 30 отсто зголемување во споредба со 2024 година.

Владата соопшти дека висината на минималната плата е одредена за да се одржи фискалната дисциплина и да се продолжи со борбата против инфлацијата.

Турските работници, кои се соочуваат со тековната криза поради високите трошоци за живот со годишна инфлација што се очекува да достигне 45 отсто оваа година, побараа зголемување од околу 70 отсто вкупно, прилагодување на инфлацијата за 45 отсто и зголемување на социјалните и здравствените трошоци за 20 отсто.

Главната турска опозициска Републиканска народна партија ги повика луѓето да протестираат денеска, велејќи дека зголемувањето на минималната плата покажува дека владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган „го изгубила контактот со реалноста во Турција“.

-Тие велат дека инфлацијата ќе се зголеми колку што ќе се зголеми минималната плата. Тоа е голема лага. Немаше зголемување на минималната плата цела година, а ние сè уште имаме 50 проценти инфлација – рече на митингот лидерот на ЦХП, Озгур Озел.

Тој му порача на Ердоган дека не може да ги избегне изборите додека стотици илјади луѓе го повикуваат да поднесе оставка.

Претседателските и парламентарните избори во Турција треба да се одржат во 2028 година. Ердоган, говорејќи на состанокот на неговата Партија на правдата и развојот во северозападниот град Бурса, рече дека зголемувањето на минималната плата е определено во согласност со инфлацијата и вработеноста.

Поврзани вести