Skip to main content

Српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка: Видовме политичка злоупотреба на несреќата

Српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка. Во вонредното јавно обраќање во зградата на Владата, по синоќешниот напад врз студентите во Нови Сад, тој изјави дека кога го добил мандатот од претседателот на Србија да биде мандатор на владата на крајот на април минатата година, тој имаше силно чувство на гордост и се обидуваше да ја разбере одговорноста што ја носи оваа работа.

Тој вели дека бил свесен дека за Србија има бројни предизвици во регионот и геополитичката ситуација, но дека неговата влада ја гледал како влада на континуитет.

Тој е горд на сè што е направено.

– Она што фрли сенка изминатава година беше трагедијата од 1 ноември 2024 година. Загуба на 15 животи и двајца повредени. Србија изгледа е заглавена во таа несреќа. Видовме политичка злоупотреба на несреќата – рече тој.

Она што има длабоки последици за нашето општество, вели тој, е создавање поделби и конфликти.

– Некој што го смислил ова, а е замислен од странство, го погодил најчувствителното подрачје, а тоа е образованието на децата. Со цел директно да ѝ се закани на Србија како држава – рече тој.

Вучевиќ потсетува на вчерашната прес-конференција меѓу него, претседателот на Србија и претседателот на Собранието, која требаше да биде првиот чекор кон дијалог и смирување на страстите.

– А потоа утрово кога се разбудив, ја видов веста од Нови Сад дека дошло до физичка пресметка при која била повредена студентка. Конфликтот започнал затоа што некој сакал да ги обезличи партиските простории на СНС и некој мислел дека треба да ги спречи во тоа, па дошло до физички конфликт – опиша тој.

Тој очекува напаѓачите да бидат уапсени и изведени пред лицето на правдата.

Вели дека не може да ги оправда или разбере блокадите во туѓите животи, нападите врз учениците кои сакаат да учат и професорите кои сакаат да предаваат, навредите и понижувањата на родителите чии деца одат на училиште.

– Затоа, по овој настан во Нови Сад, моја одлука е да поднесам неотповиклива оставка како премиер на Србија. Имав долг разговор со претседателот на Републиката и тој ја прифати мојата одлука и аргументите – рече Вучевиќ.

Според него, партијата што ја води и која постојано победувала на сите нивоа мора да покаже одговорност.

Поврзани вести