Skip to main content

Со ноќи не спиевме поради него, пред месец ни ги одзеде телефоните: Се огласи мајката на напаѓачот од училиштето во Загреб

Мајката на 19-годишното момче кое денеска со нож усмрти едно дете и повреди уште три други во основно училиште во Загреб, изјави дека го молела лекарот да не го пушта од психијатриската установа, бидејќи верувала дека не е подготвен за живот надвор од институцијата.

Тој има емоционално нестабилна личност, плус уште две дијагнози, и се самоповредуваше, рече мајката.

Таа додаде дека утрото таткото го однел во болница околу девет часот бидејќи од неодамна одел на дневни терапии. Според нејзините зборови, момчето било хоспитализирано неколкупати.

Пред еден и пол месец, тој мене и баба му нè зароби во станот, ни ги одзеде телефоните и клучевите, и повторно заврши во Јанкомир, раскажа таа.

Мајката изјави дека докторот „ладнокрвно го пуштил дома, оставајќи го семејството да се грижи за него“.

Ноќите ги поминувавме во страв. Направивме сè што можевме за да го спасиме тоа дете, рече таа.

Мајката опиша како дошло до утринскиот инцидент: Очигледно ја напуштил дневната болница, зел нож и го направил тоа што го направил. Не знам зошто го направи тоа. Во тоа училиште одеше пред пет години. Не знам што го натера. Чув дека се повредил и самиот.

Денеска во основно училиште во Загреб влезе 19-годишно момче, уби еден ученик, повреди наставничка и тројца ученици, а потоа побегна во блискиот здравствен дом каде се обиде да се самоубие. Тој е уапсен и пренесен во болница.

Поврзани вести