На специјална погребна церемонија во Соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана, претставници на политичкиот и црковниот свет се простија од поглаварот на Албанската автокефална православна црква, архиепископот Анастасиос, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчките медиуми пишуваат дека архиепископот Анастасиос почива во посебна крипта во Соборниот храм, како што и била неговата желба, а церемонијата што претходела била особено емотивна.
Поглаварот на Албанската православна црква беше испратен во присуство на вселенскиот патријарх Вартоломеј, на патријарсите од Ерусалим и Бугарија, архиепископот од Кипар, делегации од Патријаршијата на Србија, Романија и Антиохија, делегација од Света Гора, како и премиерите на Грција и Албанија Кирјакос Мицотакис.
За архиепископот говореа дел од присутните, а вселенскиот патријарх Вартоломеј, не можејќи да ги скрие солзите рече дека „падна големиот столб на православието во Албанија“, дека Анастасиос и како личност и како архиепископ „секако е незаменлив“, а неговото заминување „претставува земјотрес во локалната црква“.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го опиша архиепископот како „светол пример на мудрост и акција“ и го карактеризираше како „дипломат на љубовта“ во мисија на која тој самиот служеше умерено и свесно.
Премиерот на Албанија Еди Рама со најдобри зборови говорел за поглаварот на Албанската православна црква, пофалувајќи го како личноста и архиепископ и за неговата работа и за придонесот.
На погребната церемонија, освен грчкиот премиер, присуствуваа и голем број министри од Владата, како и лидерите на ПАСОК и СИРИЗА.
Архиепископот на Албанија почина во саботата на 95-годишна возраст, откако од почетокот на месецов беше хоспитализиран во атинска болница.
Иако е роден во Грција, тој од претходно оставил во аманет неговиот вечен дом да биде во Албанија.
Телото на покојниот архиепископ во вторникот од Атина пристигна во Тирана каде што беше изложено за народно поклонение во Соборниот храм.
Роден како Анастасиос Јанулатос, архиепископот беше теолог, мисионер, писател и поранешен професор на Универзитетот во Атина, а во изминатите 32 години беше поглавар на Православната црква на Албанија, која тој самиот ја обновил во 1992 година под сегашната титула, откако мисијата ја добил од Вселенската патријаршија.