Skip to main content

Почна судењето против Сали Бериша, но одложено за септември

Фејсбук профил на Сали Бериша

Судењето на поранешниот албански премиер и претседател Сали Бериша за „пасивно поткупување на висок функционер“ започна денеска пред Специјалниот суд против корупцијата и организираниот криминал, но постапката е одложена до септември.

Бериша (81), актуелен лидер на опозициската, Демократска партија, е обвинет дека му помогнал на својот зет за ќерка, Џамарбер Малтези, да го приватизира државниот спортски комплекс “Партизан” во центарот на Тирана, за да се овозможи изградба на 17 згради во Тирана кога бил премиер.

Покрај Бериша и неговиот зет со досието “Партизан” се опфатени уште тројца бизнисмени.

Бериша денеска не се појави на суд, објаснувајќи им на локалните медиуми дека ќе го застапуваат неговите адвокати.

Штом започна рочиштето, адвокатите побараа разрешување на судиите и го обвинија судот за „недостаток на независност“.

Рочиштето беше одложено и презакажано за септември, но не беше даден точен датум.

Бериша, првиот демократски избран претседател на Албанија по падот на комунизмот во 1990-тите, беше и премиер од 2005 до 2013 година.

Во мај 2021 година, му беше забранет влез во САД а во јули истата година и во Велика Британија, поради ” вмешаност во организиран криминал и корупција”.

Поврзани вести