Skip to main content

Почина една од повредените во пожарот по експлозијата во Солун пред домот на членка на Нова демократија

Жената која се здоби со тешки изгореници од пожарот предизвикан од импровизиран експлозивен механизам пред домот на кандидатка за пратеничка од Нова демократија, Афродити Нестора во Солун, попладнево им подлегна на повредите, а станува збир за мајката на партиската кандидатка, јави дописничката на МИА од Атина.

Од солунската болница каде што беше хоспитализирана 72-годишната Ваја Нестора соопштија дека кусо пред 6 часот утрово била примена во многу тешка состојба со 80 отсто изгореници на телото, била префрлена на одделот за интензивна нега и приклучена на апарати, а попладнево починала.

Во период од околу 20 минути, меѓу четири и пет часот утрово, на три различни локации пред домовите на претседателот на Управниот комитет на Нова демократија во Солун, Зисис Јоакимовиц, на поранешниот пратеник од партијата Савас Анастасиадис и на партиската кандидатка Афродити Нестора, биле поставени импровизирани експлозивни механизми.

Во два од трите случаи немаше повредени, додека пак во третиот и најсериозен случај пред домот на Нестора, во предизвиканиот пожар по експлозијата, беа повредени пет лица, меѓу кои и мајката на партиската кандидатка од Нова демократија, која ја загуби битката.

За останатите повредени, од солунската болница информираа дека Афродити Нестора има обемни изгореници од прв и втор степен, главно на горните и долните екстремитети, хоспитализирана е на клиниката за хирургија и е во стабилна состојба.

Нејзиниот татко има проблеми со дишењето поради вдишаниот чад и исто така е во стабилна состојба, а се очекува утре да биде пуштен од болница, додека пак другите двајца повредени, кои живеат во истата зграда, добиле прва помош по вдишен чад и наскоро ќе бидат пуштени.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, попладнево вонредно замина за Солун, каде што ги посети повредените, а по информацијата дека една од повредените почина, рече дека „трагичната смрт на Ваја Нестора го потврдува убиствениот и нечовечки карактер на слепото насилство во јавниот живот“.(МИА)

Поврзани вести