
На лидерите на Западен Балкан им припаѓа одговорноста да обезбедат иднина на мир и просперитет за своите народи, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговиот говор на Генералното собрание на ОН, осврнувајќи се на регионот, односно како што рече на „непосредните соседите кои се стратешки партнери на Европската унија и кандидати за членки“ и паралелно повторувајќи ја грчката поддршка за ЕУ перспективат, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека „регионот направи значаен напредок во изминатите децении“, но и дека сепак, „рамнотежата останува кревка, со сè уште присутен ризик од враќање назад“.
-Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Грција беше пионер во оваа насока преку Солунската агенда, која го постави патот за европската перспектива на регионот. Овој пат мора да се темели на целосно почитување на меѓународното право, на постојните меѓународни договори, владеењето на правото, човековите права и правата на малцинствата. Бара отфрлање на ревизионистичките агенди и градење доверба меѓу соседите. Духовите на балканскиот национализам го прогонуваа регионот со векови. Не смее да им се дозволи повторно да се појават. На лидерите на Западен Балкан им припаѓа одговорноста да обезбедат иднина на мир и просперитет за своите народи, посочи Мицотакис.
Грчкиот премиер говореше за ситуацијата на Блискиот исток и во Источниот Медитеран, за односите со Турција, но и за кипарското прашање.
Го повтори ставот на Грција дека Израел има право да се брани против терористичка организација, дека повикуваат на итно ослободување на сите заложници и прекин на огнот, но и дека во исто време јасно ставаат до знаење дека никакви воени цели, без разлика колку се вредни, „не можат да ја оправдаат смртта на илјадници деца, присилното раселување на над еден милион Палестинци во Појасот Газа и хуманитарното страдање на палестинскиот народ“.
– Грција одржува стратешко партнерство со Израел. Но, ова не нè спречува да зборуваме отворено и искрено. Продолжувањето на овој тек на дејствување на крајот ќе им наштети на сопствените интереси на Израел, што ќе доведе до ерозија на меѓународната поддршка. Им кажувам на моите израелски пријатели дека ризикуваат да ги отуѓат сите свои преостанати пријатели ако истраат на пат што го уништува потенцијалот на решението со две држави, посочи Мицотакис.
За војната во Украина рече дека „не е уште еден регионален европски конфликт, туку е борба за слобода, за демократија и за самото достоинство“, ги поздрави напорите на американскиот претседател Трамп, но и порача дека „не може да има мировна формула без Украина на масата и не може да има прифаќање, под никакви околности, на граници прецртани со сила“.
Во однос на грчко-турските односи посочи дека Грција се води според почитувањето на меѓународното право, уште еднаш изрази подготвеност да се работи на „решавање на единственото отворено прашање меѓу двете земји, односно разграничувањето на континенталниот гребен и ексклузивната економска зона во Егејското море и Источниот Медитеран“.
– Турција мора да ја отстрани заканата од војна што сè уште виси како темен облак над нашите односи. По 30 години, „casus belli“ мора да се повлече. Нема место во односите меѓу пријателски соседи. Нашиот пат напред мора да биде дипломатски, а не со јазикот на оружјето, порача Мицотакис