Во изминатите неколку дена, од обвинителите во Белград беше побаран извештај за текот на постапката против напаѓачите на студенти кои беа на блокади и на улиците на главниот град во последните месеци, по уривањето на настрешница на Главната железничка станица во Нови Сад, дознава Нова.рс.
Оваа информација за „Нова“ ја потврдија повеќе различни извори од српското правосудство. Заедно со нивните колеги од Белград, неофицијално, истото барање го добиле и новосадските обвинители.
Според овие информации, Апелациското и Врховно обвинителство побарале извештаи за сите случаи што ги имаат во својата работа, се затоа што ЕК го побарала тој извештај, за потребите на претстојниот состанок на Поткомитетот за правда, слобода и безбедност.
Покрај студентските протести, ЕК бара податоци и за сите други протести што се одржаа во Србија во текот на 2024 година, вклучително и протести против изборна измама (по изборите во декември 2023 година), таканаречени еколошки протести и протести поради најавеното уривање на Стариот Савски мост, протести на просветните работници и други.
Информациите од интерес за ЕК се однесуваат на бројот на лицата против кои првично беа поднесени кривични пријави, описот на тие дела, бројот на осомничените на кои им е одредена мерка притвор, како и притворот или некоја друга мерка за обезбедување нивното присуство.
Бараните податоци го вклучуваат бројот на поведени истраги и бројот на отфрлени кривични пријави, како и опис на дејствијата преземени во процесот на обезбедување докази (прибирање материјални докази, рочишта, исказ и сл.). На крајот, обвинителствата се прашани за исходот од покренатата постапка, и тоа колку лица се осудени, колку се ослободени и колку договори за вина се потпишани.
Н1 пишува дека „случајно или не, истиот ден Врховното јавно обвинителство закажа рочиште за студентите на ФДУ кои беа нападнати во ноември 2024 година кога излегоа пред нивниот факултет и го блокираа сообраќајот 15 минути на Булеварот на уметностите, во знак на протест поради неисполнетите барања кои доведоа до блокади на факултетот.
Исто така, денеска беше изречена мерка притвор за маж кој извади нож на студенти на Медицинскиот факултет во Нови Сад, а вчера обвинителството побара притвор за четворица насилници кои нападнаа и тешко повредија студентка со безбол палка на ноќта помеѓу понеделник и вторник. Инцидентот – кој на крајот доведе до пад на владата на Милош Вучевиќ – се случи откако насилници излегоа од седиштето на СНС во Нови Сад и нападнаа група студенти кои закачуваа налепници на прозорците на тие простории.
Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ утрово имаше средба со Емануел Жофре, шеф на делегацијата на ЕУ во Србија. Официјалната изјава по средбата беше кратка: претседателот само објави дека со Жофре имал „кратка средба на многу теми“.