Skip to main content

Сиљановска-Давкова на средба со раководството на фестивалот „Браќа Манаки“ и ДФРМ

Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, како покровителка на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, во пресрет на неговото 47. издание оствари средба со директорот на фестивалот Димитрија Доксевски и со претседателката на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) Марија Димитрова.

Како што стои во соопштението на Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, на средбата, Доксевски и Димитрова ја информирале претседателката за овогодишната програмска содржина, која опфаќа над 80 филмски остварувања и повеќе од 20 едукативни содржини посветени на филмската камера и на уникатниот визуелен јазик.

Посебен печат на 47. издание му дава присуството на славни имиња од светската кинематографија, меѓу кои и Дан Лаустсен, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело и Џеф Кроненвет, кому му се доделува специјалната „Златна камера 300“, за особен придонес во филмската уметност. За одбележување е повторното доаѓање на полско-американскиот кинематографер и двократен оскаровец Јануш Камински, кој во 2020 година ја прими „Златна камера 300“ – стои во соопштението.

Според Сиљановска-Давкова, долговечноста и високите уметнички стандарди и критериуми го легитимираат „Браќа Манаки“ како фестивал од вистински меѓународен формат.

Битола, кога почетокот и крајот им припаѓаат на македонски филмови, станува светска кинематографска метропола на културен дијалог и натпревар, во којшто рамноправно учествуваме, докажувајќи дека малото може да биде убаво и уметнички големо – вели Сиљановска-Давкова.

Поврзани вести

giyim