Skip to main content

Промовирана книгата „Гледна точка“ на Јани Бојаџи 

Промовирана е книгата „Гледна точка“ на македонскиот режисер, продуцент и сценарист Јани Бојаџи. Делото е наменето за сите љубители на филмската уметност, без разлика дали се професионалци или ентузијасти.

Книгата „Гледна точка“, која беше промовирана во Кинотека, е комплексно дело што ја истражува уметноста и техниката на филмот од научен и практичен аспект.

Според авторот, книгата од научен аспект го обработува проблемот на кинематографијата, на филмот, поточно на режисерот како генератор на сите проблеми во уметноста на филмот. – Ја адаптирав на ниво на белетристика за да може да ја чита не само читател кој е инволвиран во уметноста на филмот, туку и најобичен читател, изјави авторот Бојаџи.

Промоторот на книгата Александар Русјаков истакна дека „Гледна точка“ нуди можност за читање на повеќе нивоа: како стручна литература, како учебник за студентите и како инспиративно дело за сите љубители на филмот.

Кога ја земав книгата, првата мисла ми беше дека се наоѓам пред научно дело кое бара концентрација и посветеност. Но, како што напредував низ страниците, сфатив дека тоа не е обично научно четиво. Тоа е книга што се чита со леснотија и инспирација, бидејќи секоја страница носи нова перспектива и ново разбирање на филмската уметност. Она што Бојаџи го постигнал е нешто што ретко се гледа – спој на длабока стручност и лесен, наративен стил кој ги повикува читателите да размислуваат, но и да се восхитуваат, изјави Русјаков.

Бојаџи ја напишал книгата врз основа на трудови објавувани во научни списанија во последните десет години. Во неа, како што самиот истакнува, се содржани стотици цитати од познати филмски дела и автори, што дополнително ја збогатува и ја прави привлечна за сите кои сакаат да проникнат подлабоко во светот на кинематографијата.

На промоцијата на книгата премиерно беше прикажан и трејлерот за новиот игран филм на Бојаџи – „Утре наутро“.

Јани Бојаџи е доктор на науки, професор по филмска и телевизиска режија и директор на Телевизија Алфа од 2019 година. Автор е и на повеќе филмски и телевизиски остварувања, а ова е неговото прво литературно дело. 

Поврзани вести