Skip to main content

Принцот Вилијам ќе се сретне со Трамп на отворањето на Нотр Дам во Париз

Британскиот принц Вилијам ќе се сретне со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, на свеченото отворање на реновираната катедрала Нотр Дам вечер во Париз, потврди денеска неговиот кабинет.

Принцот Вилијам во текот на денот ќе отпатува во Париз на барање на француската Влада за да го одбележи повторното отворање на катедралата по реставрацијата, по разорниот пожар во 2019 година, пишува „Гардијан“.

Тој во Париз ќе се сретне и со првата дама на Америка во заминување Џил Бајден, а на настанот ќе присуствуваат голем број светски лидери на покана на францускиот претседател Емануел Макрон.

Покрај Доналд Трамп и Џил Бајден, сопругата на американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден, гости се италијанскиот претседател Серџо Матарела, грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, како и педесет други шефови на држави, меѓу кои и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, белгиската кралската двојка Филип и Матилда и многу други.

Предвидено е претседателот Макрон да одржи краток говор, по што парискиот надбискуп ќе ја изврши првата церемонија и ќе ги отвори вратите на катедралата, по што ќе следи литургија со благослов.

Свеченоста ќе заврши со концерт, нешто по 21 часот.

Нотр Дам го зафати пожар во 2019 година, кој избувна под покривот на зградата, а беше изгаснат 15 часа подоцна.

Во пожарот изгоре кровната конструкција со камбанаријата, а тешко беа оштетени внатрешноста на катедралата, горните ѕидови и прозорците.

Се проценува дека на реконструкцијата на катедралата, која чинела околу 860 милиони евра, работеле речиси 2.000 луѓе.

Околу 14 милиони луѓе годишно ја посетуваат катедралата Нотр Дам.