
Емоции, солзи, пеење во еден глас – групата „Некст тајм“ синоќа во арената „Борис Трајковски“ во Скопје одржа голем концерт по повод 18 години музичка кариера. Концерт исполнет со емоции, добро познати хитови и македонска традиционална музика.
Под мотото „18 години музика и емоции“, браќата Мартин и Стефан Филиповски пред многубројната публика приредија музичка вечер која ги обедини различните генерации, потсетувајќи на песните со кои го започнаа својот пат, но и на преработките на македонските народни песни кои оставија силен белег во нивната кариера.
На репертоарот се најдоа нивните поп-рок хитови, меѓу кои и „Нешто што ќе остане“, но и добро познатите „Ја излези Ѓурѓо“, „Зајди, зајди“ и „Налеј, налеј“.
Посебно место на концертот имаше и најновата авторска балада „Години“, која беше промовирана во пресрет на јубилејот и синоќа за првпат беше изведена во живо пред скопската публика.
На сцената како специјална гостинка им се придружи Антонија Гиговска, а со „Некст тајм“ настапи и нивниот долгогодишен соработник, композиторот и клавијатурист Никола Мицевски. Посебен момент беше настапот на златните славејчиња кои заеднички со Некст тајм пееа патриотска песна. Задоволство беше да се слушне од грлата на малите дечиња: Стара лулка, една мајка, сите нас нè родила, од Вардар, Пирин, дур до Солуна, име ѝ е Македонија.
Вистинско изненадување за публиката беше и заедничкиот настап со групата „Синтезис“, со кој беше заокружена музичката приказна на вечерта.
Осумнаесет години по почетокот на кариерата, „Некст тајм“ продолжуваат да ја градат својата музичка приказна, спојувајќи го современиот звук со македонското музичко наследство.

Македонски















