
Албанската писателка Леа Ипи која живее и работи во Лондон, Велика Британија на 24 август (недела) во 19 часот во „Лабораториум“ ќе биде гостинка во Скопје како најава за годинашното издание на „Букстар“, Фестивал на европската литература во организација на издавачката куќа „Антолог“ кој годинава ќе се одржи од 28 до 30 септември. Разговорот со Ипи ќе го води професорката и писателка Калина Малеска која на македонски јазик го преведе романот „Слобода“ во издание на „Или-Или“ за кој Ипи ја добива наградата „Букстар“.
Ипи e родена 1979 година во Драч, Албанија Taa e универзитетски професор, предава политичка теорија на Лондонската школа за економија (London School of Economics). Студирала филозофија и литература на римскиот универзитет „Сапиенца“, а докторирала на Европскиот универзитетски институт (EUI) во Фиренца.
Полето на нејзиниот научен интерес ја опфаќа нормативната политичка теорија, политичката мисла на Просветителството (Кант), се занимава со марксизам, критичка теорија, национализам, интелектуална историја на Балканот (особено на Албанија). Објавила бројни трудови во областа на политичката теорија.
Неодамна британскиот часопис „Проспект“ ја вброи меѓу десетте најзначајни светски мислители.
Авторката која бестрашно зборува за слободата, сега на разговор и со својата публика во Скопје. Фестивалската треска полека го обзема градот, па во тоа име и едно изненадување за сите љубители на BOOKSTAR! Во склоп на програмата, но пред официјално да започне Фестивалот, во Скопје ни доаѓа Леа Ипи! Жена која не се плаши да го сподели своето мислење, носејќи го Балканот и нејзиното детство на овие простори како уникатен беџ низ животот, но и низ творештвото. Прогласена за една од десетте најважни мислители на модерното време, авторката на „Слобода“, моќно мемоарско дело во кое се истражува сложената и бурна патека на растењето и созревањето во посткомунистичка Албанија, доаѓа на посета во Скопје! Во августовскиот преднастан на BOOKSTAR таа ќе зборува за својот литературен успех, личната историја, историјата како концепт на едно општество и што значи слободата – бидејќи годинава и слоганот ни е во таа насока: FREE AT LeAST!, велат од „Антолог“.

Македонски


