
Во рамки на 46. фестивал „Скопско лето“, вечер од 20 часот во Сули ан ансамблот „Консонанс“ ќе изведе концерт за деца „Песна за жирафата“ – забавна и едукативна приказна на музика на Франц Јозеф Хајдн.
Како што соопштија од „Скопско лето“, приказната на интересен и креативен начин ги претставува и доловува специфичностите на секој од инструментите. Децата низ интеракција ќе се заапознаат со музиката од периодот на класицизмот и ќе имаат можност да ги слушнат аранжманите напишани специјално за овој концерт, „кои нè едуцираат за познатата музика на Хајдн изведена од квинтет сочинет од виолина, флејта, англиски рог, кларинет и бас кларинет“.
Сите овие инструменти се солистички инструменти кои може да настапуваат и сами, но најчесто се употребувани во поголеми ансамбли, во голем симфониски оркестар, оперска и балетска музика. Наменета за деца од различна возраст, приказната ќе им ја разбуди љубопитноста за различните бои кои ги произведува еден жичан инструмент како што е виолината, или, пак, некој од дувачките инструменти како што се флејтата или кларинетот. Во текот на музичката приказна, актерот толкувајќи го ликот на самиот композитор Хајдн, на еден мошне забавен и весел начин ќе ги едуцира децата за многу аспекти од класичната музика и инструментите кои се користат во ансамблот „Консонанс“, соопшти „Скопско лето“.
Музичката приказна е напишана од Франц-Георг Штелинг, уметнички агент, и Јерг Шаде – актер, автор и режисер, а кларинетистот Улф-Гвидо Шефер ја аранжирал музиката за квинтет.
Ансамблот „Консонанс“ е основан во 2007 година и е посветен на изведба на камерна музика истражувајќи ги огромните можности, пред сè, на дрвените дувачки инструменти: флејта, кларинет, англиски рог, бас кларинет.
Во сотавот на „Консонанс“ се членови од Македонската филхармонија: Здравко Ангелов – кларинет, Маја Чанаќевиќ – англиски рог, Сашко Темелкоски – бас кларинет и Елена Дојчинова – флејта, како и виолинстката Ивана Здравкова.