
Пожарите на нестандардната депонија „Краста“ во Куманово, која гори веќе шест месеци, и на депонијата во Струмица се аларм дека управувањето со комуналниот отпад во Македонија бара итни и суштински промени. Горењето на отпадот го загадува воздухот и може да ослободува опасни соединенија, вклучително и канцерогени диоксини и фурани. Здравјето на граѓаните не смее да биде заложник на нефункционален систем, реагираат од партијата ДОМ преку соопштение.
„Краста“ се користи со одлука на Општина Куманово, но нема дозвола за депонирање од Министерството за животна средина и просторно планирање. Според податоците на Министерството, законски дозволи за депонирање имаат само три депонии во државата: „Дрисла“ и депониите во Гевгелија и Гостивар.
Општинските инспектори и Државниот инспекторат за животна средина мора да постапуваат ефикасно, секој во рамките на своите надлежности. Не е доволно институциите да реагираат откако ќе избие пожар – потребни се превенција, контрола и одговорност.
Регионалниот систем за управување со отпад доцни со години, а регионалната депонија кај Свети Николе сè уште не е реализирана. ДОМ бара преиспитување на досегашниот пристап и конкретни решенија наместо нови ветувања.
Покрај регионалниот систем, треба да се анализира можноста за централна постројка за енергетско искористување на отпадот, со капацитет до 300.000 тони годишно и проценета инвестиција од 100 до 120 милиони евра. Таквата инвестиција мора да биде оправдана со студија за изводливост, транспарентна постапка и строги еколошки стандарди, се вели во соопштението на ДОМ.

Македонски


